СЕПТЕМВРИ: ИНТЕРВЈУ НА МАКЕДОНСКИ СО УКРАИНСКАТА МЕДИЦИНСКА ГАРДА
„Нашата војна е војна на истребување. Непријателот е немилосрден и користи сè што е можно за да уништи сè на својот пат. Борбените услови не значат само директен контакт со непријателот, туку и работа под нишан на непријателски FPV дронови, повеќеракетни системи (MLRS) и слично..“ – TАРА, август 2025, Украина
Воените лекари се тивките чувари на животот – луѓе кои чекорат меѓу куршуми, шрапнели и експлозии, не за да одземат, туку за да спасат. Оваа серија интервјуа на македонски јазик „ПУЛС ОД ФРОНТОТ“ ја започнуваме со желба да ги документираме нивните сведоштва и да ја приближиме нивната реалност до оние кои за среќа никогаш не ја доживеале.
Нашиот соговорник беше украински воен лекар со повикувачки знак „Тара“, кој со искреност и достоинство ја сподели својата приказна. Не како херој што бара признание, туку како човек кој споделува дел од своето искуство на фронтот за останатите да извлечат поука.
Ви ја пренесуваме оваа приказна со надеж дека ќе ја доближиме реалноста на воените лекари до секој што ќе ја прочита.
СЕПТЕМВРИ: Те молам претстави се и раскажи ни малку за твојата позадина.
ТАРА: Добар ден, јас сум Тарас, имам 28 години. Последните две години служам во Украинската Доброволна Армија, Медицинскиот баталјон „Хоспиталиери“. Службата е ротациона — на пример, еден месец на должност, потоа 1–2 месеци дома. Ова е неплатена служба, поради што и се нарекува „Доброволна Армија“. Ние не сме тука за пари, туку по повик на срцето — да им помогнеме на нашите момци.
СЕПТЕМВРИ: Што те наведе да станеш воен лекар и како започна во оваа улога?
ТАРА: Пред осум години започнав да работам во Итна медицинска помош. Шест години бев „фелдшер“ во екипа за интензивна нега со амбулантно возило. Во Македонија, оваа специјалност веројатно не постои. Ќе објаснам: тоа е нешто помеѓу медицинска сестра и доктор. Фелдшерот ги извршува сите задачи на медицинската сестра, но исто така може да дава дијагнози и да препишува терапија како доктор.
Пред две години дадов отказ поради разлики во ставовите (тема што нема да ја отвораме во ова интервју) и почнав да работам во сосема друга област. Но медицината никогаш не ме напушти, а желбата да им помагам на луѓето остана исто толку силна како и порано. Така што завршив курсеви од ниво CLS (Combat Life Saver) и се приклучив на баталјонот. Сега поминувам еден месец во ротација помагајќи, а потоа 2–3 месеци дома, заработувајќи пари за да го издржувам семејството.
СЕПТЕМВРИ: Можеш ли да ги опишеш твоите главни должности како воен лекар?
ТАРА: Моментално сум командир на екипаж за медицинска евакуација наречен „Медицинска гарда“. Екипажот се состои од возач, двајца медицинари и еден парамедик. Нашите должности вклучуваат итен транспорт на тешко повредени војници од стабилизациска точка до теренска хируршка болница. За време на патот, ја следиме здравствената состојба на пациентот, ја прилагодуваме грижата според виталните параметри и обезбедуваме итна медицинска помош при хоспитализацијата. Исто така, работиме директно на стабилизациските точки, каде што обезбедуваме медицинска нега на лице место.
Третиот тип на наша работа е управување со автобус за реанимација, со прекар „Австриец“, единствен од ваков вид во Европа и веројатно во светот. Како командир на екипажот, јас ја водам комуникацијата со другите бригади и болницата, сум одговорен за состојбата на пациентот во моето возило, давам инструкции за медицинските интервенции, пополнувам документација и распределувам задачи во рамките на тимот.
СЕПТЕМВРИ: Каков вид обука или подготовка ти беше највредна пред твоето распоредување на фронтот?
ТАРА: Целиот мој пат беше подготовка за службата — медицинскиот факултет, работата во екипажот на брза помош и работата со Црвениот крст.
СЕПТЕМВРИ: Тука, би сакале да разбереме какви видови медицински ситуации се среќаваат на терен и како ги надминувате.
СЕПТЕМВРИ: Кои се најчестите повреди што ги третирате на терен?
ТАРА: Во моментов, поголемиот дел од повредените се резултат на напади со FPV-дронови — тоа се потреси на мозокот и рани од шрапнели, трауматски ампутации на екстремитети и труења од различни видови хемиско оружје. Исто така, има и многу повредени од „насочени воздушни бомби“, со слични модели на повреди.
Третманот на ваквите повреди започнува на предните позиции — поставување турникети и завои. Следниот чекор е евакуација до стабилизациска точка, каде што понекогаш се изведуваат и хируршки интервенции. Грижата таму е високо квалитетна и со широк опфат, но не е длабоко специјализирана — фокусирана е единствено на стабилизирање на состојбата на пациентот.
Следната фаза е евакуација до теренската хируршка болница, каде што се третираат целосно сите повреди и нивните последици. Потоа, пациентите се префрлаат во регионални медицински центри за понатамошна нега, лекување и рехабилитација.
СЕПТЕМВРИ: Без да откриваш сензитивни детали, можете ли да опишеш како беше првиот пат кога беше „под оган“ за време на мисија?
ТАРА: Секојпат кога евакуираме од стабилизациска точка до теренската хируршка болница, поминуваме време под постојано гранатирање од повеќеракетни системи, „насочени воздушни бомби“ и минофрлачи. Над нас постојано летаат дронови — можат да фрлат мина или да се самоуништат во експлозија. Ова веќе стана рутина за медиците на фронтот. Нашата единствена заштита е Бог и нашето брзо размислување — да го избереме најбезбедниот пат, да знаеме каде да застанеме и каде да се скриеме од непопустливиот поглед на непријателот.
СЕПТЕМВРИ: Можеш ли да се присетиш на првиот пат кога третираше пациент во вистинска борбена ситуација и како тоа се разликуваше од обуката?
ТАРА: Во нашиот воен конфликт, нема јасна поделба помеѓу зоните на CUF (Care Under Fire) и TFC (Tactical Field Care), како што се предава во TCCC. Тука, хируршки интервенции може да се изведуваат во TFC, а стабилизација може да се случи во CUF. Вистинската борбена ситуација постојано висе над медиците 24/7 — тие секогаш пружаат грижа во борбено опкружување.
Нашата војна е војна на истребување. Непријателот е немилосрден и користи сѐ што е можно за да уништи сѐ што му се наоѓа на патот. Борбените услови не значат само директен контакт со непријателот, туку и работа под нишан на непријателските FPV-дронови и под оган од повеќеракетни системи, и така натаму.
СЕПТЕМВРИ: Дали сте морале некогаш да импровизирате поради ограничени ресурси?
ТАРА: Не, мојот баталјон е обезбеден со сѐ што е потребно благодарение на спонзори и покровители. Не сме финансирани од државата.
СЕПТЕМВРИ: Според твоето искуство, која е најпотценетата вештина во борбената медицина?
ТАРА: Клиничкото размислување. Протоколот е само препорака. Но, повредениот човек на носилката е ваша лична одговорност.
СЕПТЕМВРИ: Кој е најтешкиот дел од пружањето медицинска помош под оган или во непријателска средина?
ТАРА: Најтешкиот дел е да го надминете стравот во себе. Но, еднаш кога ќе го направите тоа, вашата работа ефективно спасува животи.
СЕПТЕМВРИ: За крај, би сакале да го слушнеме твоето лично гледиште и совети за другите.
СЕПТЕМВРИ: Наместо да заминеш, реши да служиш како воен лекар. Што те поттикна да ја донесеш таа одлука?
ТАРА: Не можев мирно да живеам знаејќи дека луѓе како мене ги оставија своите семејства и деца за да ја бранат нашата земја. Затоа решив да помогнам со тоа што го знам и го правам најдобро. Тоа е само капка во океанот — но сепак постои.
СЕПТЕМВРИ: Доколку ти е пријатно да споделиш, како беше првиот пат кога изгуби пациент или се соочи со смрт во борбени услови? Како го прифати тоа?
ТАРА: Смртта секогаш демнее во оваа работа. Имам изгубено пациенти и во цивилниот живот, и тоа секогаш е болно. Но, не можете да го сфатите премногу лично, бидејќи на другите живи луѓе им е потребен психички и физички здрав медик за да им помогне.
СЕПТЕМВРИ: Како ти лично се справуваш со стресот и емоционалниот товар од твојата работа?
ТАРА: Успешна евакуација и стабилизиран пациент ми го одземаат стресот и заморот. Тоа носи позитивни емоции кои ги надминуваат сите други.
СЕПТЕМВРИ: Кој е еден животоспасувачки совет што би сакал секој медик да го знае пред да влезе во борба?
ТАРА: Фокусирајте се на вашата работа, вашите вештини и самоподготовка. Никој нема да се подготви на ваше место. Вашите способности и знаење се вашата заштита во опасни ситуации.
СЕПТЕМВРИ: Тарас, ти благодариме за ова интервју и ти посакуваме сѐ најдобро на тебе и твојот тим.
ТАРА: Ви благодарам и на Вам за оваа прилика.
Доколку сакате да донирате за потребите на ХОСПИТАЛИЕРИ и МЕДИЦИНСКА ГАРДА, и да помогнете во нивната кауза, деталите се: